Милчо Манчевски

Милчо Манчевски (Скопје, 18.10.1959) е филмски режисер и сценарист. Студира историја на уметноста и археологија на Филозофскиот факултет во Скопје, а во 1983 година дипломира на Факултетот за филм и фотографија при Универзитетот во Јужен Илиноис, САД.

Автор е на книгата „Духот на мајка ми“, како и на текстови за музичкиот бенд Бастион, сценарија за музички спотови и реклами. Се појавува и како актер во кусометражни филмови, два македонски играни филма и една театарска претстава.

Од 1985 до 1991 година работи во Њујорк како камерман, монтажер и асистент-режисер, а од 1994 година режира проекти за сите седум холивудски студија. Во 1995 година, Кинотеката на Болоња (Италија) ја организира неговата прва ретроспектива.

Манчевски е добитник на бројни меѓународни и домашни признанија. Со филмот „Пред дождот“ (1994) ја добива номинацијата за Оскар за најдобар странски филм, Златен лав на Фестивалот во Венеција, наградата Златен Чарли (Монс, Белгија), како и Гран при во Петроград. Во Македонија е лауреат на државната награда 11 Октомври.

Критичка рецепција

    • „Пред дождот“ (1994)
      „Во Пред дождот, уживавме во прекрасно и луцидно филмуваната приказна, врамена во ингениозно структурираната игра на филмскиот хронотоп – во временската ‘осумка’ на кругот кој ‘не е тркалезен’. Случајноста и трикстерската снаодливост на Манчевски отворија прашања околу тоа дали тие се, или не се, дел од филмската генијалност воопшто.“

    • „Прашина“ (2001)
      „Во Прашина уживавме во менталната гимнастика на авторот, во интелектуалната дуалност и трикстерската неодреденост на неговиот став: ‘сериозен сум – не сум сериозен’. Филмот се чита како постмодерно или дури пост-постмодерно филмско писмо.“

    • „Сенки“ (2007)
      „Со Сенки, Манчевски конечно го реализира сценариото кое одамна го имаше напишано – едно од неговите први сценарија за долгометражен филм. Во него повторно се среќаваме со неговиот препознатлив авторски свет: амбивалентност, визуелна моќ и трикстерска игра со гледачот.“

 

Scroll to Top