Дојде и периодот од годината кога Кинотеката го одбележува својот роденден, односно датумот кога во „Службен весник“ е објавен Законот за формирање на Кинотеката – на 29 април, во далечната 1974 година. И, иако Кинотеката формално започнува да работи со полн капацитет и со полна организациска структура дури две години потоа, во 1976 година, кога ги добива своите први канцеларии и депо и започнува да собира архивски материјали, формирајќи ги првите аудиовизуелни збирки и организирајќи ги првите кинотечни филмски проекции – сепак го одбележува како свој роденден29 април секоја година.
Последниве две децении, по тој повод и околу тој датум – Кинотеката го објавува годишните добитници на сега веќе традиционалното признание „Златен објектив“, кое Кинотеката им го доделува на филмски автори и работници, кои преку својот професионален ангажман придонеле во создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.
Оваа година, пак, „Златниот објектив“, по одлука на Управниот одбор на Кинотеката, ќе му биде доделен на Столе Стојан Попов – режисер, сценарист, продуцент и автор, кој во голема мера ја задолжил националната кинематографија – како со својот наградуван филмски опус, така и со својот педагошки и менаџерски ангажман на полето на филмската уметност и филмското образование:.
Столе Попов е роден 1950 година во Скопје, а во 1973 година дипломира на Академијата за театар, филм и телевизија во Белград. Снима уште како студент, а со првите документарни филмови како филмски професионалец – ОГАН (1974) и АВСТРАЛИЈА, АВСТРАЛИЈА (1977), тој веќе се етаблира како талентиран филмски творец со препознатлив стилски и естетски сензибилитет. Од 1978 година, се вработува во „Вардар филм“ – и веќе следната, 1979 година, со ДАЕ, документарецот за ромското население во Скопје – станува прв македонски автор кој е номиниран за престижниот американски „Оскар“, тогаш како претставник не само на македонскта, туку и на југословенската кинематографија во тоа време. Потоа, снима бројни рекламни филмови, а првиот негов игран филм – ЦРВЕНИОТ КОЊ, го реализира во 1981 година. По тоа следуваат долгометражните филмови СРЕЌНА НОВА ‘49 (1986), ТЕТОВИРАЊЕ (1991), ЏИПСКИ МЕЏИК (1997) и ДО БАЛЧАК (2014), поголем број негови менторски и продуцентски проекти, како и неговиот професорски ангажман на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Член е на Европската филмска академија, а еден период беше и директор на државната продуцентска куќа „Вардар филм“ во тоа време.
Свеченото доделување на „Златниот објектив“ на нашиот голем доајен на филмската уметност – Столе Попов – ќе се одржи кон крајот на мај оваа година, во просториите на Кинотеката на Македонија.

