Кинотеката го отвора Летното кино на 31 мај

Со проекција на култниот филм „РАНИ ТРУДОВИ“ на Желимир Жилник, на 31 мај (среда) во 21:00 часот, Кинотеката официјално го отвора Летното кино. Следната вечер, на 1 јуни (четврток), во истиот термин ќе биде прикажан и документарниот филм „ЖУРНАЛ ЗА ЖЕЛИМИР ЖИЛНИК“ на Јанко Баљак, посветен на овој уникатен и храбар автор.

Посебна чест за публиката е присуството на самите Желимир Жилник и Јанко Баљак, кои ќе бидат дел од двете вечери и ќе одговараат на прашања по проекциите.

РАНИ ТРУДОВИ (Rani radovi / Early Works)

Југославија, 1969, 87 мин., црно-бел, ДЦП
Режија: Желимир Жилник
Сценарио: Желимир Жилник, Бранко Вучиќевиќ
Камера: Карпо Аќимовиќ Година
Улоги: Миља Вујановиќ, Богдан Тирнаниќ, Чедомир Радовиќ, Марко Николиќ, Слободан Алигрудиќ

Алегоричниот игран филм „РАНИ ТРУДОВИ“ ги следи четворица млади учесници во студентските демонстрации од јуни 1968 година – три момчиња и девојка по име Југослава – кои одлучуваат да го променат светот. Инспирирани од раните дела на Маркс и Енгелс, тргнуваат низ села и фабрики, обидувајќи се да ја разбудат свеста на народот и да го поттикнат на револуција.

Сепак, наидуваат на отпор, неразбирање, па дури и апатија. Разочарани од исходот, момчињата – во чин на насилна симболика – ја „жртвуваат“ Југослава. Завршниот кадар е обележан со дим од нејзиното тело, покриено со партиското знаме – мрачен симбол на пропаднатата револуција. Филмот завршува со цитат од Антоан де Сен Жист:
„Оние кои револуцијата ќе ја изведат само до половина, само си го копаат својот гроб.“

Во 1969 година, „РАНИ ТРУДОВИ“ ја освојува „Златната мечка“ на Берлинскиот филмски фестивал, со образложение:

„…за предизвикувачката конфронтација на идеологијата и реалноста, за хуманизирањето на политичките апстракции и модерниот израз и форма…“

И покрај признанијата, филмот бил цензуриран во Југославија, а против Жилник бил покренат и судски процес.

ЖУРНАЛ ЗА ЖЕЛИМИР ЖИЛНИК (Ž Ž Ž / Journal about Želimir Žilnik)

Србија, 2021, 90 мин., колор, ДЦП
Режија и сценарио: Јанко Баљак

Овој документарен портрет на Желимир Жилник не е само приказна за неговото творештво, туку и патување низ историјата на поранешна Југославија. Филмот го следи неговиот уникатен стил на докудрама и борбата да остане креативно слободен и социјално ангажиран – често со нискобуџетни, но политички моќни проекти.

Жилник е еден од клучните автори на југословенскиот црн бран, чии филмови биле забранувани, осудувани и прикажувани тајно. Но тој никогаш не престанал да им дава глас на маргинализираните групи – работници, мигранти, малцинства – и да ја разобличува суровата реалност на транзицијата.

Scroll to Top