Милчо Манчевски (Скопје, 18.10.1959) е филмски режисер и сценарист. Студира историја на уметноста и археологија на Филозофскиот факултет во Скопје, а во 1983 година дипломира на Факултетот за филм и фотографија при Универзитетот во Јужен Илиноис, САД.
Автор е на книгата „Духот на мајка ми“, како и на текстови за музичкиот бенд Бастион, сценарија за музички спотови и реклами. Се појавува и како актер во кусометражни филмови, два македонски играни филма и една театарска претстава.
Од 1985 до 1991 година работи во Њујорк како камерман, монтажер и асистент-режисер, а од 1994 година режира проекти за сите седум холивудски студија. Во 1995 година, Кинотеката на Болоња (Италија) ја организира неговата прва ретроспектива.
Манчевски е добитник на бројни меѓународни и домашни признанија. Со филмот „Пред дождот“ (1994) ја добива номинацијата за Оскар за најдобар странски филм, Златен лав на Фестивалот во Венеција, наградата Златен Чарли (Монс, Белгија), како и Гран при во Петроград. Во Македонија е лауреат на државната награда 11 Октомври.
Критичка рецепција
„Пред дождот“ (1994)
„Во Пред дождот, уживавме во прекрасно и луцидно филмуваната приказна, врамена во ингениозно структурираната игра на филмскиот хронотоп – во временската ‘осумка’ на кругот кој ‘не е тркалезен’. Случајноста и трикстерската снаодливост на Манчевски отворија прашања околу тоа дали тие се, или не се, дел од филмската генијалност воопшто.“„Прашина“ (2001)
„Во Прашина уживавме во менталната гимнастика на авторот, во интелектуалната дуалност и трикстерската неодреденост на неговиот став: ‘сериозен сум – не сум сериозен’. Филмот се чита како постмодерно или дури пост-постмодерно филмско писмо.“„Сенки“ (2007)
„Со Сенки, Манчевски конечно го реализира сценариото кое одамна го имаше напишано – едно од неговите први сценарија за долгометражен филм. Во него повторно се среќаваме со неговиот препознатлив авторски свет: амбивалентност, визуелна моќ и трикстерска игра со гледачот.“

