ЗА НАС

Кинотеката на Република Северна Македонија е национален филмски архив, формиран со Закон во 1974 година како Кинотека на Македонија. Нејзината мисија е собирање, чување, заштита и презентирање на филмови и филмски материјали со уметничко, културно, историско и научно значење, особено националното филмско наследство. Покрај домашната продукција, Кинотеката ги чува и филмовите снимени во Македонија од странски автори, како и значајни дела од светската кинематографија.

Првиот директор, Атанас-Ацо Петровски, го презеде раководството во 1976 година. Денес, институцијата има три оддели: Филмски архив (чување и обработка на филмови), Оддел за документација (писмена документација, фототека и библиотека) и Оддел за јавна, истражувачка и издавачка дејност.

Кинотеката располага со богат фонд од над 16.000 филмски копии, илјадници фотографии, плакати и други материјали, како и специјализирана библиотека и музејска колекција на кинематографски артефакти. Во 2005 година, Кинотеката се пресели во нови простории со современа киносала и депоа, а истовремено управува со комплексот Хавзи-пашини конаци за чување на странски филмови.

Во својата над 40-годишна историја, Кинотеката реализираше бројни проекти за заштита и реставрација на македонската филмска продукција, организира ИФФК „Браќа Манаки“ и издава филмски публикации и веб-ресурси, вклучувајќи го и „Македонскиот информациски филмски центар“.

Кинотеката е членка на Меѓународната федерација на филмски архиви (FIAF) и Асоцијацијата на европски кинотеки, и е позната по својот придонес кон развојот на филмската култура и образованието во Македонија.

Јавна дејност

Одделот организира презентација, промоција и прикажување на филмовите од архивата на Кинотеката. Активностите вклучуваат издавање на филмови и придружен материјал, како и организација на ретроспективни ревии, тематски циклуси, манифестации и изложби – и во земјата и во странство.

Фототека

Фототеката чува и обработува над 45.000 фотографии, 607 плакати, повеќе од 34.000 примероци каталози, програми и афиши, како и илјадници негативи, слајдови, сценографски и костимографски скици. Вкупно над 80.600 единици од национална продукција, плус голем број плакати и материјали од странска продукција.

Документација

Одделението собира и штити документи од областа на филмот – сценарија, синопсиси, книги на снимање, дијалог листи, договори и лични документи на автори. Архивот содржи над 400.000 единици, сместени во архивски кутии на околу 200 должни метри, со цел долгорочно зачувување на македонската филмска историја.

Издавачка дејност

Кинотеката има издадено 26 книги од областа на историјата и теоријата на филмот, како и периодичното списание „Кинопис“, кое излегува двапати годишно. Во 2000 година беше издаден мултимедијален ЦД-РОМ „Векот на филмот во Македонија“. Публикациите ја документираат и промовираат филмската култура и традиција.

Кино сала

Кинотечното кино, со капацитет од 136 седишта, е опремено со 35мм и дигитална проекција, сараунд аудио систем и современо платно. Тука се одржуваат фестивали, премиери, промоции и циклуси посветени на автори и национални кинематографии. Меѓу гостите се истакнати режисери, актери и филмски работници од целиот свет.

Музејски експонати

 Во рамките на Одделението за филмска документација при Кинотека, постои и збирка на музејски експонати. Збирката е создадена уште со формирањето на Кинотеката. Во 1979 година собрани се повеќе стари експонати од филмска техника (проектори, проекциони ламби, грамофонски плочи, кинозасилувачи) како основа за кинотечниот музеј. Освен старите филмски проектори од кино салите низ Републиката, збирката се збогатуваше и со откупи од индивидуални лица на фотографски апарати и други артефакти. 

На 30 јуни 1983 година, во дел од комплексот на Музеите на Македонија, е отворен Музејот на Кинотеката со постојана изложбена музејска поставка и со киносала со капацитет од стотина седишта. Во оваа сала започнува редовната кинотечна филмска програма.

Со преселбата на Кинотека, во 2006 година,  во новите простории во објектот на библиотеката „Другарче”, беше поставена и постојана музејска поставка.

Нашиот тим

Бошко Грујоски

Директор

Бошко Грујоски е повеќе од 15 години дел од тимот на Кинотеката и повторно е на директорската позиција, која ја извршуваше и во 2016–2017 година. Во неговиот претходен мандат беа реализирани дигиталната реставрација на филмовите на Бранко Гапо и меѓународниот проект European Film Gateway. Тогаш беа завршени и последните два документарни филма од серијалот Сведоци, во соработка со Институтот за национална историја и МРТВ.

Игор Старделов

Oдделение за прибирање, обработка и чувањe

Атанас Чупоски

Виш филмолог – филмски архив

Сунчица Веселиновска

Виш филмолог - филмски архив

Владимир Ангелов

Виш филмолог

Петар Волнаровски

Oдделение за програма и меѓународна дејност

Деница Тодоровска

Aдминистративен и правен советник

Снежана Вељановска

Самостоен референт – сметководител

Тихомир Кашмицовски

Филмски техничар–филмска програма

Адреса

Работно време

Понеделник – Петок

Сабота – Недела

Scroll to Top